На трибините во битолската сала Боро Чурлевски ќе има навивачи на Вардар, што секако ќе му даде додадена вредност на и онака долгоочекуваното дерби на најтрофејните.
Обезбеден е сектор за „Комитите“, а од Вардар ги поканија своите навивачи да уживаат во ракометната игра и во фер и коректна атмосфера да ги бодрат момците на Иван Чупиќ.
„Македонското ракометно дерби во среда ќе биде збогатено со присуство на нашите навивачи за кои ќе биде обезбеден сектор во салата ,,Боро Чурлевски” во Битола. Вашата поддршка ќе значи многу за тимот кој со голема желба го исчекува почетокот на натпреварот, кој е закажан за во 18:00 часот. Кога на теренот ќе истрчаат ракометарите на Вардар, подготвени да го дадат својот максимум за нова победа! Ве покануваме да уживаме во ракометната игра и во фер и коректна атмосфера да ги бодриме црвено-црните!“, стои во објавата на ракометниот клуб Вардар.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар се игра в среда, со почеток од 18:00 часот. Во првото соочување сезонава во Скопје победа извојуваа „црвено-црните“.