Ракомет

Е. Пелистер стигна до втората победа во ЛШ

Е. Пелистер стигна до втората победа во ЛШ

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер ја оствари втората победа во европската Лига на шампионите совладувајќи го унгарски ПИК Сегед со 25:24 (11:8).

Вечерашниот успех на битолчани беше најавен во првото полувреме кога пелистерци во првите десет минути од средбата поведоа со 5:0, а предност од пет голови разлика имаа и во 23 минута кога на семафорот пишуваше 10:5. Гостите во првиот дел игра под своите можности и реномето со кое дојдоа во Битола, и во првиот дел успеаја да ја намалат негативата на 11:8.

Вториот дел од средбата почна непосакувано за домашниот тим, гостите во 36 минута израмнија на 12:12, а во 43 минута поведоа со 13:14.

Но благодарение на над 3.500 навивачки грла, како што по средбата изјави Жарко Пешевски, најефикасен ракометар во домашниот тим со 7 постигнати голови, битолчани успеаја да го контролираат резултатот и да поведат со 22:20 на шест минути до крајот на мечот.

Во финишот, благодарение на вештите одбрани на Николче Митревски и со голема желба за победа, Еурофарм Пелистер успеа да го совлада „големиот на хартија“ ПИК Сегед со 25:24.

Со втората победа во европската Лига на шампионите, битолчани го подобрија бодовното салдо и ги зголемија амбициите за прогрес во групата во која вечерва ПСЖ го совлада ГОГ Гудме со 31:28, додека Магдебург беше подобар од Загреб со 27:22.

To top