Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) ги објави номинациите за најдобриот играч на светот за 2025 година, а во трката за престижното признание се најдоа тројца врвни ракометари.
Матијас Гидсел од Данска има можност да испише историја, бидејќи може да стане првиот ракометар што ќе ја освои наградата три години по ред. Воедно, тој би бил само трет играч во историјата со вкупно три признанија, по легендарните Никола Карабатиќ и Микел Хансен.
Емил Нилсен голманот на данската репрезентација, исто така е меѓу номинираните. Тој може да стане вториот дански голман во историјата што ја освоил оваа награда, шести голман вкупно, како и четврти дански ракометар со вакво признание.
Третиот номиниран е Иван Мартиновиќ од Хрватска кој за првпат се најде меѓу кандидатите за оваа награда. Доколку победи, Мартиновиќ би станал трет хрватски добитник, по Ивано Балиќ и Домагој Дувњак.