Легендарниот Домагој Дувњак повторно смогна сили и заигра во последните минути од мечот против Унгарија, успевајќи да изнуди важен седмерец кој го најави спектакуларниот „кам-бек“ на домаќините.
Дувњак изрази огромно задоволство од победата во мундијалското четвртфинале и шеговито изјави дека соиграчите не му дозволуваат да се пензионира, затоа што го продолжија настапот на турнирот.
„Сум одиграл многу возбудливи мечеви во кариерата, но вакво нешто немам доживеано. Пресреќен сум за победата и сега конечно знам кога ќе дојде крајот. Имаме уште максимум два натпревари и потоа одам во репрезентативна пензија.
Им благодарам на моите соиграчи што не ме пензионираат предвреме и останавме да се бориме на турнирот. Повредени сме, се мачиме, како да играме со три нозе, Нема играч што нема проблеми со повреда во моментов.
Овие млади момчиња ми дадоа многу сила и им посакувам најдобри нешта. Со тимска игра доаѓаме до посакуваната цел и се гордеам на овој тим. Им благодарам на соиграчите, ме поддржија и кога направив погрешно додавање, но на крајот се вративме во живот“, изјави Дувњак.
Хрватите со звукот на сирената ја совладаа незгодната Унгарија и обезбедија пласман меѓу четирите најдобри селекции на Светското ракометно првенство.