Ракомет

Ангеловски: Подготвени сме за ПИК Сегед иако знаеме дека ќе гостуваме на тежок терен

Ангеловски: Подготвени сме за ПИК Сегед иако знаеме дека ќе гостуваме на тежок терен

Тренерот на македонскиот шампион, Бранимир Ангеловски, вели дека ракометарите се подготвени за двата меча со ПИК Сегед во ЛШ, прво на гости,  додека идната седмица ќе играат пред своите гледачи.

„Можеме да бидеме задоволни со добрите игри, но не можеме да бидеме среќни, бидејќи изостануваат резултатите. Се надевам дека со добра игра ќе дојде и тој посакуван резултат и таа победа во ЛШ. Одработивме добро и подготвени сме за двомечот со ПИК Сегед. Знаеме дека гостуваме на тежок терен и пред жешка атмосфера. Ги знаеме нивните силни страни и ќе се обидеме да ја затвориме нивната транзиција и играта преку кружниот напаѓач. Не смееме да се предаваме, и против Киелце имавме слабо отворање, па се вративме.

Имавме одлични натпревари и во Париз и во Загреб, но паѓавме во завршницата. Посакуваме добра игра која ќе ни даде мотив во Битола да бидеме уште подобри и да извојуваме победа. Имаме една дилема, а тоа е играњето на Цветан Кузманоски, кој веројатно ќе го пропушти овој натпревар. Кај ПИК Сегед не се сменија многу работи со заминувањето на Пастор. Не треба да не залажува поразот од Веспрем, напротив, тоа треба да ни биде порака дека ќе играме со „ранет лав“. Бомбач е „моторот“ на тимот, словенечката линија и Степанчиќ се моќно оружје, но тука се и унгарските ракометари како и Калараш. Знаеме дека може да играат „седум на шест“, можат да се трансформираат во одбрана од 6-0, во 5-1, но ќе бидеме подготвени за сите нивни решенија“, изјави Ангеловски на прес-конференција пред мечот.

foto:ehf.com

To top