Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги одработуваат подготовките за новата сезона во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
Тренерот на актуелниот македонски шампион Бранислав Ангеловски изјави дека целите на тимот во новата сезона ќе бидат повторно највисоки.
„Ќе бидеме подготвени во новата сезона. Ни претстои тешка сезона, нашите цели секогаш се високи. Самото име Пелистер и армијата навивачи која стои зад нас дава сила за да можеме да ги оправдаме очекувањата. Амбициите се знаат, во Македонија се цели кон сите трофеи, а во Европа да се покажаме во што подобро светло и да ја заборавиме ланската сезона. Припремите ќе ни бидат во три фази. Првата фаза е во Битола, јас тоа го побарав за самите играчи да ја почувствуваат атмосферата во градот. Потоа одиме на Златибор каде што ќе ги имаме базичните припреми со 12 дена. Последната фаза ќе бидат натпреварите на турнирите, прво во Струга, па одиме во Турција и на крајот во Добој“, изјави Ангеловски.