Тренерот на македонскиот ракометен шампион Е.Пелистер Стевче Алушовски пред гостувањето во Барселона изјави дека ривалот игра веројатно најдобар ракомет на континентот, ама нагласи дека оваа средба мора да се искористи.
„Барселона е лидер во нашата група и во моментов игра можеби најдобар ракомет во Европа. Составена е од голем број интернационалци, како искусни, така и млади репрезентативци на Шпанија.
Оваа екипа има систем кој долго го игра. Ние нема што да загубиме на овој натпревар, туку можеме само да добиеме. Најмногу за да останеме во еден силен натпреварувачки ритам, затоа што веќе в недела ни следи дербито на сезоната.
Се подготвуваме за Барса како и за секој друг натпревар, бидејќи добро ни дојдоа овие 3-4 натпревари од Европа за да бидеме максимални во плеј-офот. Анализираме кои се слабите страни во одбрана и во напад, ќе пробаме да го имплементираме нашиот систем и да одговориме на играта на Барселона.
Имаме мали кадровски проблеми, Филип Кузмановски уште не е во тренажен процес, но се подготвуваме максимално. Очекувам натпревар за уживање, можеби нема да биде сличен како оној во Битола, но ќе се обидеме да изненадиме ако ни се укаже шанса“, изјави Алушовски.
Натпреварот меѓу Барселона и Еурофарм Пелистер е на програмата в среда во терминот од 20:45 часот.