Наместо планираните седум, Македонија на Олимписките Игри во Париз кои ќе се одржат од 26 јули до 11 август 2024 год., ќе ја претставуваат шест спортисти.
Пливачката Ева Петровска која требаше да настапи во дисциплината 800 метри слободно нема да учествува на Игрите поради здравствени проблеми.
Од спортистите свој настап ќе имаат Дарио Ивановски (атлетика, 10 август маратон), Владимир Егоров (борење до 57 килограми, слободен стил), Никола Ѓуретановиќ (пливање, 400 метри слободно, 27 јули квалификации).
Потоа, Анастасија Мојсовска (спортско стрелаштво, 10 метри воздушна пушка) која ќе настапи на 27 јули, Еди Шерифовски во џудо на 30 јули и таеквондистката Мила Рељиќ во периодот од 7-10 август.
Македонија ќе има и свои судии на ОИ во Париз, во ракометот Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, во триатлонот Иван Михајловски и Анета Павловска во тенисот.
Според најавите, како што оди протоколот да има по еден од машка и женска конкуренција, знаменосци на Свеченото отворање на Игрите ќе бидат Дарио Ивановски и Мила Рељиќ.