Останати спортови

Женската одбојка има светла иднина во Македонија

Женската одбојка има светла иднина во Македонија

Одбојкарската федерација на Македонија, викендов, во спортскиот центар „Форца“ во Скопје, организираше собир на девојчиња од генерацијата 2010 и помлади, со цел да добие попрецизна слика со што располага во оваа категорија одбојкарки во однос на физичките предиспозиции, техничката и тактичката подготовка.

На дводневниот собир учествуваа 86 девојчиња од 20 клуба и школи што функционираат под капата на Одбојкарската федерација на Македонија.

– Го организиравме првиот собир на генерацијата 2010 и помлади во женска категорија, на кој беа повикани одбојкарки од сите клубови и школи во Македонија што функционираат под капата на Одбојкарската федерација на Македонија. Истовремено, повикани се речиси сите тренери од клубовите од Првата и од Втората лига што работат со оваа возрасна категорија. Целта е да видиме со каква генерација располагаме во моментов, од квантитетот што го имаме на одбојката, како најмасовен женски спорт во Македонија, да извлечеме што подобар квалитет и во блиска иднина да создадеме генерација што ќе биде дополнување и ќе ѝ даде поддршка на надежната кадетска генерација, која беше многу активна во последните години. Паралелно, целиме и кон меѓусебна соработка на тренерите. Генерацијата со која располагаме дава надеж за во иднина, а планот е да почнеме од почеток, чекор по чекор, без да прескокнуваме скалила за да поставиме квалитетна база – објаснува генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски.

На овој собир присуствуваше и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој уште еднаш потврди за одличната соработка и за поддршката што ѝ ја дава Министерството за спорт на женската одбојка, како најмасовен женски спорт во Македонија.

To top