„Успешната приказна за боксерите од Ѓорче Петров“. Ова е најчестиот опис кога зборуваме за Боксерскиот клуб „10-60“.
Сите кои минале низ него велат дека е привилегија да се биде дел од ова семејство и дека тоа е местото каде се учи, не само бокс, туку и начин на живот.
На голема радост на многумина, од клубот објавија дека примаат нови членови, со пораката „Биди и ти дел од најдобрите“. Во новообјавеното видео, јасно се гледа како функционира боксерскиот клуб и колку посветено се работи во формирањето на новите боксери. Видеото е направено од Александар Кондиќ.
За најголема пофалба е фактот што часовите по бокс тука се бесплатни. И вратите се отворени за секого.
Роберт Варга е поранешното „бронзено“ момче од СП во 2010 година. Тој заедно со Христијан Милановски и Живорад Стојановски се „триото“ кое е заслужно за опстанокот на клубот.
-Кај нас вратите се отворени за сите деца и младинци во секое време. Бесплатно, без никакви чланарини. Сакаме да спортуваат, да сакаат спорт и да добијат шанса да се натпреваруваат и да успеат во животот. Имаме добри услови за работа, тренинзи кои се според модерните боксерски техники. Сакаме децата од улица да им дадеме шанса и да тренираат бокс, изјави неодамна Варга.
Во овој клуб доаѓаат да тренираат и деца со посебни потреби. Освен основни часови по бокс, во Боксерскиот клуб „10-60“ се тренираат и врвни професионалци, кои вежбаат пред големи натпреварувања.