Русија во само неколку дена остана без две тенисерки. Ако преминувањето на Камила Рахимова во Узбекистан не вознемири никого, со одлуката на Анастасија Потапова сигурно не е така.
Потапова има 24 години и сè уште е прилично перспективна. Била 21-ва на светот, сега е 52-ра, а од наредната сезона ќе ја претставува Австрија. Таа е четврта тенисерка што оваа година го напушти рускиот тенис.
Прво Дарија Касаткина зеде австралиски пасош, па Марија Тимофејева во октомври премина под знамето на Узбекистан.
„Австрија многу ја сакам, целосно се чувствувам како дома. Сакам да бидам во Виена и со нетрпение чекам да создадам дом тука. Горда сум што од 2026 година ќе ја претставувам Австрија во мојата професионална кариера“, напиша Потапова на социјалните мрежи.