Требаше да се одигра четвртфиналниот меч помеѓу најдобрата светска тенисерка Арина Сабаленка и Маркета Вондрушова, но истиот е откажан поради повлекување на Чешката тенисерка.
Имено, Вондрушова пријавила дека се здобила со повреда за време на тренингот, по што го заврши својот настап на Отвореното првенство во САД.
“Многу ми е жал за Маркета после сè низ што помина. Таа игра неверојатен тенис и знам колку е болно ова откажување за неа. Ти посакувам побрзо заздравување”, напиша Сабаленка после веста на својот Инстаграм профил.
Со ова, Сабаленка доби директен пласман во полуфиналето, каде ќе се сретне со Американката Џесика Пегула, во рекреација на натпреварот од финалето на турнирот во Њујорк во 2024 година.