Романскиот премиер Марсел Чолаку најави денеска дека ќе ја бојкотира церемонијата на затворање на Олимписките игри во Париз поради скандалот со одземениот бронзен медал на романска гимнастичарка Ана Барбоса.
Романската гимнастичарка во понеделникот го прославуваше бронзениот медал во партер, кога американската репрезентација поднесе жалба на резултатот од настапот на Џордан Чилс. Судиите ја променија одлуката и го подобрија резултатот на Американката за 0,1 поени, што беше доволно таа да скокне од петтото на третото место и да ја истисне Барбоса од победничкиот пиедестал.
„Одлучив да не присуствувам на затворањето на Олимписките игри во Париз поради скандалозната ситуација во гимнастиката, каде нашите спортистки беа третирани на апсолутно нечесен начин. Да одземете медал заработен со чесна работа врз основа на жалба. е целосно неприфатливо“, објави Чолаку на својот Фејсбук профил.
Тој рече дека Романија ќе ги третира Барбоса и петтопласираната Сабрина Манека-Војнеа како медалистки во однос на наградите.
„Зад себе ја имате цела нација, за која вашиот труд и солзи се поскапоцени од кој било медал, без разлика од кој скапоцен метал се направени“, рече Чолаку.
Барбоса го држеше романското знаме кога виде дека резултатот на семафорот е променет, шокирана го испушти знамето, ги стави рацете на лицето и во солзи замина во соблекувалната.