Јохан Андре Форфанг по пет години ја оствари својата прва победа во Светскиот куп во ски скокови и тоа со неверојатен рекорд на скокалницата во Вилинген.
Форфанг уште во квалификациите најави дека е во одлична форма во Вилинген, а денеска го потврди тоа со рекорден скок во втората серија. Во првата тој прескокна 144 метри, а во втората рекордни 155,5 метри на оваа скокалница во Германија.
Со вкупно 252,7 поени го освои првото место, што беше негова прва победа уште од сезоната 2018/2019. Зад Норвежанецот со 31 бод помалку заврши Риоју Кобајаши од Јапонија, додека до прв подиум во кариерата стигна сонародникот на Форфанг, Кристофер Ериксен Сундал.
Штефан Крафт, кој денеска не се квалификуваше за финалната рунда, останува лидер во генералниот поредок во Светскиот Куп со 1.089 поени. Андреас Велингер е втор со 837, додека Кобајаши е трет со 736.