Протеинските шејкови се еликсир за многу бодибилдери и рекреативци кои сакаат да ги зајакнат или тонираат мускулите и да ја обликуваат фигурата во теретана, бидејќи на телото му се потребни протеини за обновување на мускулите и ткивата. Сепак, со ништо не треба да се претерува.
Добивањето повеќе од 22 проценти од калориите во исхраната од протеини, обично од јајца, месо и млеко, може негативно да влијае на стврднувањето на артериите, состојба што на крајот може да резултира со мозочен удар, срцева слабост и срцев удар. Ова го покажаа резултатите од тестовите направени на лабораториски глувци и луѓе спроведени од Медицинскиот факултет во Питсбург, а објавени во списанието Nature Metabolism.
„Нашата студија покажува дека зголемувањето на внесот на протеини во обид да се подобри метаболичкото здравје не е решение без последици. Ако претерате, може да си ги оштетите артериите“, предупреди професорот по кардиологија и коавтор на студијата, д-р Бабак Разани.
Резултатите од истражувањето на тим експерти од Питсбург покажаа дека леуцинот, есенцијална амино киселина во протеинот што ги гради мускулите и го активира протеинот познат како mTOR, кој ја активира синтезата на мускулните протеини, „непропорционално влијае на започнувањето на патолошките патишта поврзани со развој на атеросклероза и стврднување на ѕидовите на артериите“.
Разани и неговите колеги забележаа дека нивното истражување покрена дополнителна загриженост, како што е прашањето „што се случува кога едно лице троши повеќе од 15 проценти од дневните калории од протеини како што е препорачано од USDA (Одделот за земјоделство на Соединетите Американски Држави).
Експертите предупредуваат дека треба да бидете внимателни и да дознаете која е оптималната количина на внес на протеини што влијае на растот на мускулите, но во исто време не ги оштетува артериите.