Германскиот ски-скокач Андреас Велингер (28) победи на првиот натпревар на 72-то издание на новогодишната турнеја „Четири скокалници“ во Оберсдорф, пред повеќе од 25.000 фанатични навивачи кои создадоа спектакуларна атмосфера.
Германците го дочекаа првиот победник на Новогодишната турнеја по 2002 година, кога Свен Ханавалд стана првиот скокач во историјата што победил на четирите скокалници.
Велингер кој беше најдобар и во вчерашните квалификации, со најдолгиот скок во денешната прва серија (139,5 м.) направи голема бодовна разлика што успеа да ја одбрани и во втората серија, со скокот од 128 метри за што доби 309,3 поени.
За Велингер ова беше прва победа на новогодишната турнеја, шеста во Светскиот куп (СК). Втор беше Јапонецот Роју Кобајаши (134,5 и 129 метри), а трет лидерот во СК, Австриецот Стефан Крафт (132,5 и 125 метри),
Со најдолгиот скок од втората серија (139,5 метри) Словенецот Ловро Кос од 13. место во првата серија се искачи на четвртата позиција. Швајцарецот Симон Аман, четирикратниот олимписки победник, кој на 42-годишна возраст скока на 25-та турнеја, во Оберсдорф го зазеде 21-то место.
Според традицијата, скокачкиот спектакл продолжува на 1 јануари во Гармиш-Партенкирхен (14 часот), по што серијата се сели во Австрија. На 3 јануари се скока во Инсбрук, а три дена подоцна во Бишофсхофен.