Параолимпискиот пламен ќе биде запален на 24 август, четири дена пред почетокот на Параолимписките игри во Париз, објавија денеска француските организатори.
За разлика од олимпискиот оган кој својот пат го почнува од Грција, почетната станица на параолимпискиот факел традиционално е во Англија.
Параолимпискиот пламен ќе биде запален во Стоук Мендвил, меѓу Лондон и Оксфорд, а потоа ќе отпатува за Франција, каде на 28 август ќе започнат Параолимписките игри.
Параолимпискиот факел на својот пат кон Франција ќе мине преку тунел под Ла Манш. Симболично ќе го носат 24 англиски спортисти, а на половина пат факелот ќе го преземат 24 француски спортисти.
Параолимписките игри своето прво издание го имаа во 1948 година на иницијатива на британскиот лекар Лудвиг Гутман. (МИА)