Традиционално од зраците на сонцето, во античка Олимпија денеска ќе биде запален олимпискиот оган за Летните олимписки игри „Париз 2024“, а откако ќе помине 11 дена низ цела Грција, на 26 април ќе им биде предаден на организаторите, јави дописничката на МИА од Атина.
На денешната манифестација ќе присуствуваат претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, како и претседателите на Меѓународниот Олимписки комитет, на Грчкиот Олимписки комитет и на „Париз 2024“ Томас Бах, Спирос Капралос и Тони Естанге.
Веднаш откако ќе биде запален огнот, ќе започне и штафетното пренесување во цела Грција, организирано од Грчкиот олимписки комитет, што ќе трае 11 дена, а олимпискиот оган ќе помине 5.202 километри и 563 наутички милји со помош на 600 лица.
Ќе патува од низ целата земја, од најјужната до најсеверната точка, од исток до запад, од Крит до Александрополи и од Крф до Кастелоризо, поминувајќи низ 13 региони, седум острови, 43 градови, 41 општина, пет заедници, 10 археолошки локалитети и два олимписки музеи во Атина и Солун.
Следниот петок, на 26 април ќе пристигне во Атина, каде што во попладневните часови на свечена манифестација отворена за јавноста на стадионот Панатенаик ќе биде предаден на Организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз.
Манифестациите во Грција, како палењето, така и штафетното пренесување низ земјата и предавањето на организаторите во Атина, по пауза од четири години ќе се одржат регуларно, со оглед на тоа дека во октомври 2021 година и март 2020 година поради пандемијата сите свечености беа без публика, а олимпискиот оган за Зимските Олимписки игри „Пекинг 2022“ и летните Олимписки игри „Токио 2020“ од Атина замина без штафетното да патува низ Грција, туку директно им беше пренесен на домаќините. (МИА)