Македонската машка одбојкарска репрезентација ги започна подготовките за квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство кое е на програмата следната година.
Во составот на нашата репрезентација е стандардниот примач Александар Љафтов, кој не беше во селекцијата за натпреварите од Европската лига.
-Денеска ги започнуваме подготовките, за, според мене, најважниот дел бидејќи ја пропуштив Европската лига. Пред нас се квалификациите за Европското првенство, нè очекува напорна работа и две многу важни средби против Грузија и Грција. Така што се спремаме максимално и се надевам на две победа, па следното лето да влеземе порастеретени и да ја запишеме уште таа една победа која што ќе ни биде потребна за пласман на Европското првенство, изјави нашиот репрезентативец.
Македонија на 17 август ќе игра во Грузија, додека осум дека подоцна ќе биде домакин на Грција во рамките од квалификациите за ЕП.
Покрај одбојкарите подготовки започнаа и одбојкарките кои на 17 август во Скопје ќе се сретнат со Австрија, а на 28 август ги чека дуел со Грција во Солун.
-Трета година по ред се собира женската одбојкарска репрезентација. Возбудата е голема, пристигнавме сите, ги гледам насмеани. Ќе играме два квалификациски натпревариа против познати противници. Со Австрија ќе играме на домашен терен, со нив се сретнавме и минатата година во Европската лига, добро знаеме што не очекува. Против Грција играме на гости и тие ни се добро познати бидејќи со нив се сретнавме на Медитеранските игри во Алжир. Амбициите се големи, целта е да се покажаме во подобро светло за разлика од претходните две години, вели репрезентативката Тамара Стојанова.