Два дена до вториот настап по ред во Европската златна лига – елитното годишно репрезентативно натпреварување на ЦЕВ. Македонските одбојкари ќе играат со Естонија в петок и со Чешка в недела, на првиот од трите турнири чијшто домаќин ќе биде Струмица.
Во салата „Парк“ ќе гостуваат два противника со коишто имаме историја, а потоа Македонија предводена од новиот селектор Хари Наковски ќе одигра уште четири натпревари против Азербејџан, Белгија, Хрватска и против Шпанија.
По осминафиналето на третото европско првенство за нас, лани кога бевме организатори на една од четирите групи, македонската репрезентација има реновиран состав. Наковски од асистент на Јошко Миленкоски го презеде кормилото на селекцијата, техничарот Филип Деспотовски ја заврши кариерата, примачот Александар Љафтов побара одмор за Европската златна лига и ќе се приклучи на подготовките за евроквалификациите во август. Тоа значи дека шанса ќе добијат неколкумина помлади одбојкари, дебитанти се Михајло Мирасчиев од Штип УГД и Кристијан Илиев од Струмица 47&72, Давид Стојанов ќе му биде поддршка на Ѓорѓи Ѓорѓиев на позиција техничар, а Стојан Илиев и Лука Костиќ ќе бидат во примачкиот двоец на теренот со Владо Милев.
Промени и соодветни подмладувања ќе има и кај Естонија и кај Чешка со која игравме на последниот еврошампионат во Скопје, така што Македонија се надева на добра игра иако капитенот Никола Ѓорѓиев бара да не си наметнуваме притисок сами на себе.
-Според моите информации, противниците ќе имаат променет состав, но за мене ова е нова генерација и во македонската репрезентација. Затоа, ние треба да се обидеме да изградиме игра, да бидеме постојани, да изгледаме како на првата пријателска со Романија во Валчеа. Ако е така, ќе имаме шанса пред домашната струмичка публика да се надеваме на победа или на две, но тоа не е императив, вели капитенот на Македонија Никола Ѓорѓиев.
-Ние ќе дадеме максимум и тоа е најважно за нас. Естонците и Чесите ги променија составите, но и ние сме подмладени, така што ќе играме барем за една победа. Овој турнир ќе биде на наш терен и се надевам дека со помош на струмичката публика ќе успееме да направиме добар резултат во двата натпревара. Многу ќе ни значи навивачите да ја наполнат салата и да бидат наш седми играч, вели селекторот Хари Наковски.
Европската златна лига е значајно натпреварување, но главната цел на македонската одбојкарска репрезентација летово ќе бидат двата квалификациски натпревара за следното Европско првенство, коешто, според новиот календар на ЦЕВ, наместо во 2025-та, ќе биде одиграно во 2026-та.
Македонија е во група со Грузија и со Грција, во август ќе гостуваме кај Грузијците и ќе играме дома против Грците, што значи дека уште по тие два меча може да се случи црвено-жолтите да направат значаен, можеби и клучен чекор кон четврти настап на континенталните собири едноподруго.