Кениската атлетичарка Рут Чепнгетич постави нов светски рекорд во женски маратон со време од 2:09:56 часа на денешната трка низ улиците на Чикаго.
Овој резултат на 30-годишната Кенијка е за речиси две минути подобар од претходниот рекорд што го постави Етиопјанката Тигст Асефа (2:11:53) на минатогодишното издание на Берлинскиот маратон.
Чепнгетич уште на самиот старт наметна силен ритам, а на половина од трката се оддели од конкурентките и дојде до својата трета титула на маратонот во Чикаго.
Ова е четврти пат во историјата да биде подобрен светскиот рекорд на маратонската трка во Чикаго.
Во 2001 година, Кенијката Кетрин Недереба стана првата маратонка која истрча 42 километри и 195 метри за помалку од два часа и 19 минути (2:18:47).
Една година подоцна, Британката Пола Редклиф го постави првото „најдобро време во историјата“ (2:17:18) официјално признаено од Меѓународната атлетска федерација, додека Кенијката Бригид Косгеи ја спушти границата на рекордот под два часа и 15 минути во 2019 година (2:14:04).