Останати спортови

Моника Селеш објави дека боледува од ретка автоимуна болест

Моника Селеш објави дека боледува од ретка автоимуна болест

Легендарната тенисерка Моника Селеш откри дека веќе неколку години се бори со сериозен здравствен проблем. Таа соопшти дека уште во 2022 година ѝ била дијагностицирана мијастенија гравис – ретка и хронична автоимуна болест што предизвикува слабост на мускулите.

Селеш ги почувствувала првите симптоми токму на местото каде што некогаш доминираше – на тенискиот терен.

Она што во почетокот изгледало како моментален пад на концентрацијата, подоцна се покажало како сериозен невролошки проблем.

„Играв со деца или со членови од семејството и едноставно ја промашував топката. Ќе си помислев: ‘Па јас гледам две топчиња’. Тоа се симптоми што не можеш да ги игнорираш“, раскажа Селеш, опишувајќи го моментот кога сфатила дека нешто не е во ред.

Патот до конечната дијагноза бил долг и исцрпувачки. Болеста постепено почнала да влијае врз нејзиното секојдневие, па дури и рутински активности, како сушење коса, станале физички напорни поради слабост во рацете.

Кога лекарите ја потврдиле дијагнозата, следел шок.

„Кога ми ја поставија дијагнозата, си реков: ‘Што?!’. Затоа не можам доволно да нагласам колку би сакала тогаш да постоеше некој како мене што јавно зборува за ова“, изјави таа.

Мијастенија гравис е автоимуно заболување при кое имунолошкиот систем ги напаѓа рецепторите меѓу нервите и мускулите, што доведува до слабост, замор и проблеми со видот, говорот или движењето.

Иако е хронична, со соодветна терапија симптомите можат да се контролираат.

To top