По стартниот триумф против Грузија на гости, избраниците на селекторот Хари Наковски со победа над Грците ќе бидат со една нога на континенталниот собир кој ќе се организира во 2026 година.
Нашите најдобри одбојкари се насочени на сите аспекти од играта на противникот.Влезот за овој важен меч е слободен за сите љубители на одбојката и спортот, потребна е силна поддршка за македонската репрезентација:
– Ги започнавме добро овие квалификации за Европското првенство 2026 со убедлива победа над Грузија. Сега нè очекува натпреварот против Грција каде што на еден начин ја имаме меч топката во наши раце. Голема шанса, уште еднаш, односно четврти пат по ред да учествуваме на Европско првенство. Веќе ги правиме последните анализи на противникот, формата е задоволителна, мислам дека од ден на ден ја креваме на вистинското ниво и се подготвуваме за решавачкиот натпревар во овие квалификации против репрезентацијата на Грција и кој 99% ќе одлучува за патникот на ЕП.
Станува збор за добар противник, но сметам дека со добра мотивација пред домашна публика имаме големи шанси да извојуваме победа и да се радуваме на уште едно Европско првенство и да го задржиме тој континуитет, да ја развиваме одбојката во правилна насока и да оставиме на помладите генерации подобар пат за во иднина – вели еден од најискусните репрезентативци во националниот тим, Владо Милев.