Актуелниот шампион на Формула 1, Макс Ферстапен, ја шокираше јавноста со најавата дека би можел да се повлече од спортот. Сѐзапочна по инцидентот на прес-конференцијата на ФИА, каде што Ферстапен беше казнет за пцовки.
ФИА му изрече казна во форма на општествено корисна работа, што беше главниот повод за неговото незадоволство.
На квалификациите во саботата, Ферстапен се покажа видливо незаинтересиран за долги одговори на прашањата од новинарите. Наместо тоа, тој одлучи да комуницира надвор од официјалните прес-конференции, организирајќи импровизирани средби со медиумите.
Запрашан дали казната од ФИА поради пцовките би можела да доведе до негово рано повлекување од спортот, Ферстапен одговори без двоумење – „апсолутно.“
„Се бориме до нашите граници, без разлика дали сме на врвот или на дното на гридот. Но, ако мораш да се справуваш со вакви глупости, за мене тоа е знак да размислам за иднината“, изјави Ферстапен.
Доколку не се промени ситуацијата, Ферстапен би можел да биде еден од ретките возачи кои го напуштаат спортот на врвот на својата кариера. ФИА, пак, не ги коментираше неговите изјави, оставајќи простор за дополнителни шпекулации.