Ландо Норис ќе тргне од првата позиција на трката за Големата награда на Бразил, откако извозе најбрз круг во едни од најдолгите квалификации во историјата на Формула 1.
Дури пет пати квалификациските сесии беа прекинувани со црвени знамиња, а голем дел од фаворитите кикснаа во непредвидливите услови. Норис на крајот имаше најбрз круг со време 1:23,405 и ја остави конкуренцијата зад себе.
Џорџ Расел успеа да забележи второ најбрзо време, а тогаш доаѓаат изненадувањата. Јуки Цунода заврши на третото место пред Естебан Окон во Алпин.
Следеше колегата на Јапонецот од Рејсинг Булс, Лиам Лосон. Шести ќе тргне Леклер, а во топ десет се уште Албон, Пиастри, Алонсо и Строл.
Ќе биде многу интересно да се види како шампионот Макс Верстапен ќе се снајде на мократа „Интерлагос“ бидејќи ќе тргне од 12. позиција пред Перез и Саинц.