Менаџерот на тркачкиот тим на Ред Бул, Кристијан Хорнер, во јули беше неочекувано отпуштен од неговата позиција како главен во тимот за тркање, а сега конечно тој и официјално ја напушта корпорацијата.
Според странските медиуми, Ред Бул Рејсинг и Кристијан Хорнер конечно ги договориле деталите за неговата отпремнина, со која наводно компанијата ќе треба да му исплати на Хорнер 60 милиони евра за раскинување на договорот.
Иако Хорнер уште во јули беше заменет од лидерската позиција на тимот, тој сега ќе отстапи и од неговата улога како извршен директор на компанијата, после цели 20 години соработка.
Ваквите настани дојдоа откако лани се крена голема прашина околу протечените пораки кои наводно Хорнер ги испраќал со една од вработените во компанијата.
Во екот на скандалот компанијата застана зад него, велејќи дека после неколку интерни истраги се покажало дека тој нема вина.
Но, во меѓувреме тој ја изгуби поддршката од мнозинските сопственици на Ред Бул, па она што всушност се случуваше зад кулисите доведе до одлука за раскинување на договорот. На ваквите околности не помогна ниту губењето на тимската титула минатата година, како и лошиот старт сезонава.
Инаку, Хорнер е човекот кој го оформи тркачкиот тим на Ред Бул и постигна извонредни резултати за кратко време, вклучувајќи го и периодот на целосна доминација на Ред Бул на чело со Макс Верстапен.