Романската тенисерка Симона Халеп утре ќе се појави пред Судот за спортска арбитража (КАС) во Лозана, во врска со жалбата за нејзината четиригодишна суспензија поради допинг.
-Не може да се даде индикација кога ќе биде донесена конечната одлука, се вели во соопштението на КАС.
Во септември, Меѓународната агенција за интегритет во тенисот ја суспендираше двократната Гренд слем шампионка на четири години поради две одделни прекршувања на анти-допинг правилата.
Суспензијата ќе трае до октомври 2026 година, кога романската тенисерка ќе има 35 години.
На Отвореното првенство на САД во 2022 година, Халеп беше позитивна на забранета супстанца која го стимулира производството на црвени крвни зрнца, додека минатиот мај беше обвинета за неправилности во нејзиниот биолошки пасош.
Таа негираше каква било погрешна постапка и додаде дека има намера да ја избрише дамката од нејзиното име.
Во 2018 година Халеп ја освои титулата на Ролан Гарос, а една година подоцна и на Вимблдон и е најпознатата тенисерка која паднала на допинг тест по Марија Шарапова во 2016 година.
Романката освои 24 титули во сингл и заработи повеќе од 40 милиони долари од наградни фондови. Таа беше прва на ВТА листата во 2017 и 2018 година.