Македонската одбојкарска репрезентација на Македонија во сабота гостува во Тбилиси во рамките на квалификациите за пласман на ЕП во одбојка, а капитенот Никола Ѓоргиев истакна дека токму овој дуел за него е натпревар на деценијата, на генерацијата.
„Продолжуваме со подготовките овде во Струмица. Поминаа контролните натпревари, турнирот „Чајка“ и тешките подготовки во Маврово. Почнува да „мириса“ официјалното и токму за тоа трениравме цело лето. Зад нас е турнирот „Чајка“ на кој одигравме одлично против квалитетната селекција на Косово и заслужено славевме победа. Тој натпревар може да биде убава увертира за она што нè очекува против Грузија, бидејќи квалитетот на Косово со нашиот следен противник е тука некаде. Но, она што ме загрижува е натпреварот со Израел. Во првите два сета немавме енергија, а тоа не ни се случува првпат.
Се надевам дека овој период ќе го искористиме за „полнење на батериите“ за клучниот дуел со Грузија. За мене ова е натпреварот на деценијата, на генерацијата, бидејќи влогот е пласман на Европско првенство. Со три бода од тој меч ќе ги отвориме вратите за пласман на континенталниот собир. Се слушаат изјави дека победата е загарантирана. Тоа ме загрижува. Ние сме мала земја и треба да победиме на терен, а пред натпревар“, рече капитенот.
По натпреварот на гости во Грузија, нашите одбојкари ги чека и домашен дуел со Грција.