Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го загуби денешниот меч од второто коло од квалификациите на Австралија опен. Поуспешна од неа беше Словенката Тамара Зиданшек со 2:1 во сетови (4:6, 6:2 и 7:5) за два часа и 15 минути игра.
Ѓорческа имаше одличен почеток и првиот сет го доби со 6:4 во гемови откако успеа да направи два брејка наспроти еден на ривалката, која пак резултатски се врати во игра откако го доби вториот сет со 6:2 во гемови.
Во решавачкиот сет Ѓорческа имаше одличен старт и брејк предност водеше со 1:0, а потоа и 3:1. Но, Зиданшек успеа во шестиот гем да изедначи на 3:3. Клучен за поразот беше 12. гем на сервис на Ѓорческа кога ривалката направи нов брејк што значеше и добивање на сетот со 7:5. Притоа Ѓорческа успеа да спаси една меч топка.
По поразот Ѓорческа не успеа да го повтори резултатот од 2017 година кога беше дел од финалето на квалификациите на Грен слемот во Мелбурн.
Ова за Лина Ѓорческа беше трето учество во квалификациите на Австралија опен.