На 18-ти август, Виборг – градот домаќин на Европското првенство во планински велосипедизам Маратон, ќе биде сцената за најдобрите натпреварувачи во машка и женска конкуренција од цела Европа.
Дуња Иванова, како претставник на Велосипедската федерација на Македонија, ќе стартува во елитната женска сениорска категорија во конкуренција со најсилните претставници на националните тимови на сите европски земји.
Дистанцата од 75 км и 1800 м висинско искачување која ја најавува организаторот, од возачите ќе бара подготвеност за брзи и технички козји патеки и прилагодување кон различни подлоги на теренот.
„Задоволство е да се почувствува свежина и подготвеност во Велосипедската федерација на Македонија за поддршка кон иницијативите на клубовите и нивните возачи, зашто токму оттаму потекнува и фундаментот за постоење на овој спорт воопшто. Со голема посветеност и низа сериозни настапи и резултати во Германија, Италија, Шпанија, Грција, Србија кои се зад нас како дел од оваа натпреварувачка сезона, сега нашиот фокус е кон натпреварот во Виборг. Посакуваме да имаме добар ден, малку среќа и успех за кој знаеме дека неминовно доаѓа како резултат на нашата посветеност“, вели Љубиша Кондев, тренер и еден од основачите на ВК Енерџи.
Дуња Иванова е државен првак во планински велосипедизам, со бројни домашни и меѓународни подиуми.
Македонскиот велосипедски спорт за првпат има свој претставник на Европско првенство во Маратон.