Австриецот Даниел Цофениг е победник на 73. издание на традиционалниот новогодишен натпревар „Четири скокалници“, одржан во рамките на Светскиот куп во ски-скокови.
22-годишниот Цофениг на драматичен начин ја доби битката во Бишофсхофен со сонародникот Штефан Крафт и го оствари најголемиот успех во својата кариера.
Крафт имаше можност со посакуван скок да го надмине резултатот на Цофениг и со прво место во Бишофсхофен да обезбеди и триумф во генералниот пласман, но успеа да стигне до 137,5 метри, што не беше доволно за најдобар ефект на денешната последна, четврта етапа од новогодишната турнеја.
За Цофениг ова е втора победа по таа во Гармиш, но сосема доволно за обезбедување на место во историјата на најпопуларниот настан во календарот на Светскиот куп во ски-скокови.
Крафт на крајот со една победа мораше да се задоволи само со третото место и во Бишофсхофен и во генералниот пласман, а второто место го освои уште еден Австриец, односно Јан Херл.