Франческо Бањаја ги задржа шансите за одбрана на шампионската титула во Мото ГП otkako славеше пред својот најголем ривал Хорхе Мартин на трката за Големата награда на Малезија. Финалната сезонска трка наместо во Валенсија најверојатно ќе се одржи во Барселона.
Бањаја и Мартин имаа фантастични дуели на стартот на трката по кои Италијанецот излезе како победник. Ова беше клучна трка за мотоциклистот на фабричкиот Дукати за да ги одржи шансите за титулата. Зад двајцата конкуренти на подиумот финишираше Енеа Бастијанини.
Во генералниот поредок Мартин е лидер со 485 бодови, додека Бањаја има 24 помалку. Во игра се вкупно 37 бодови, бидејќи за победа на спринт трка се освојуваат 12 бодови, а на трката 25.
Последната трка во сезоната ќе се одржи за две недели најверојатно во Барселона. Валенсија отпадна поради катастрофалните поплави изминатата недела во овој град. Официјално ќе биде потврдено во следните 48 часа.