Првиот светски рекет Јаник Синер според АТП ранкингот добил два позитивни теста на супстанцата клостебол во март, но и покрај тоа не беше суспендиран.
Причината беше доказниот материјал кој вели дека Синер не користел допинг, туку се работи за индиректна грешка на еден од докторите.
На оваа тематика своето официјално обраќање сега го испрати и Асоцијацијата на тениски професионалци – АТП.
„Охрабрува тоа што кај Јаник Синер не е утврдена негова грешка или негрижа. Сакаме да оддадеме признание и на истражниот процес и независната проценка во рамките на Тениската анти-допинг програма (ТАДП), што му овозможи и натаму да се натпреварува. Ова беше предизвикувачки момент за Јаник и неговиот тим. Тоа ја нагласува потребата играчите и тимот да бидат максимално внимателни во користењето на производи или третмани. Интегритетот е најважен во нашиот спорт“, стои во соопштението.
Синер ќе биде казнет со одземање на поените од Индијан Велс (вкупно 450), како и паричните средства кои ги доби за пласманот во полуфиналето.