Битола подготвена го пречекува 30-то поединечно Државно првенство во бокс, при што домашната публика во спортската сала „Боро Чурлевски“ и македонската јавност ќе ги видат најдобрите боксери од цела Македонија во сите возрасни и тежински категории.
Празник на боксот каде ќе ги дознаеме новите државни шампиони , а во исто време ќе биде возобновен големиот боксерски турнир „Битолски победник“.
„Претседател сум скоро три месеци и за краток период успеавме да добиеме балкански шампиони , вицешампиони и бронзени медалисти на Балканското првенство во Лозница, Србија. Резултатите продолжија со освојување на Гран при во Загреб, а не го забораваме и огромниот успех на силниот Меѓународен турнир „Златна ракавица“ во Ниш“, вели претседателот на Националната бокс федерација Кристијан Андреевски и додава:
„Во меѓувреме, одлично настапивме на СП во Будва, Европското во Софија. Да не заборавиме, ја завршивме Првата и Младинска бокс лига, и како за крај на овој успешен период или шлаг на тортата, ќе биде токму Државното првенство во Битола“.
Андреевски се осврна и на домаќинството на БК Пелистерски јунак.
„Домаќините БК Пелистерски јунак го прифатија предизвикот заедно со градоначалникот на општината Тони Коњановски и се надеваме дека и битолската публика ќе ужива во овој боксерски хепенинг, воедно и почеток на една голема традиција во името на Битолски победник. Како претседател на Федерацијата, уште еднаш сакам да им се заблагодарам на сите учесници во организацијата на големиот настан, на боксерите и тренерите да им посакам среќа во борбите, а публиката ја повикувам да дојде и ужива и да ги поздрави сите натпреварувачи и официјални лица“, изјави пред големиот настан првиот човек на Националната боксерска федерација.