Италијанскиот тенор Андреа Бочели ќе настапи на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026, објавија организаторите.
Настапот на Бочели, кој настапи и на церемонијата на затворање на Олимписките игри во Торино 2006, ќе биде „еден од најспектакуларните моменти на настанот“, се вели во соопштението.
„Неговото присуство претставува природен мост помеѓу музиката и спортот, ова е можност да се раскажат Игрите преку италијанското музичко наследство, познато и ценето низ целиот свет“, се додава во соопштението.
Церемонијата на отворањето, која ќе се одржи на 6 февруари на стадионот Сан Сиро во Милано, ќе биде продуцирана од Balich Wonder Studio, а покрај меѓународните уметници, ќе има и елементи што ја слават италијанската култура и иновации, пренесе Бета.
Настапот на американската пејачка Мараја Кери ќе биде првиот голем музички настан на отворањето на игрите.
Италијанската пејачка и авторка Лаура Паузини, една од најпознатите италијански уметници на светската сцена, исто така ќе настапи во програмата.