Боксерот Ален Рустемовски, освојувач на сребрен медал на Европското првенство до 23 години во Ереван, Ерменија, е прогласен за спортист на годината.
Признанието за најдобра спортистка ѝ припадна на Катерина Попева, која се закити со златен медал на Светското првенство во фитнес и бодибилдинг.
За најперспективен млад спортист е избран боксерот Адријан Рустемовски, освојувач на бронза на Европското првенство во Ереван, додека во женска конкуренција наградата ја доби Даниела Алексовска.
Таа зад себе има златен медал од Европското првенство во мешани боречки вештини, како и бронзено одличје од Светското првенство.
Женската ракометна репрезентација е прогласена за најуспешен женски национален тим, додека признанието во машка конкуренција го доби машката одбојкарска репрезентација. За најуспешен тренер е избран Могамед Ибрагимов, а титулата најуспешна спортска федерација ѝ припадна на Џудо федерацијата на Македонија.
Признанието за најуспешен спортист со инвалидитет го доби Андреј Стојановски, кој го освои шестото место во дисциплината 400 метри мешано на Олимписките игри за глуви лица во Токио.