Екипата на Абердин ќе игра во финалето на шкотскиот Лига куп, откако го совлада Хиберниан (1-0) во меч во кој херој беше македонскиот репрезентативец, Бојан Миовски.
Нашиот интернационалец истрча во стилот на Јусеин Болт речиси од едниот до другиот крај на стадионот и мајсторски, со левата нога, го совлада противничкиот голман.
„Посебно е чувството кога ќе добиеш ваков натпревари и тоа пред своите навивачи. Беше тежок меч, но заслуживме да прославиме на ваков начин. Голот го постигнав со последните сили, со последниот шут што можев да го упатам. Бев изморен бидејќи играв како единствен напаѓач, а имавме и играч помалку. Верувавме во себе, стигнавме до шанса, постигнавме гол и сега сме во финале. Покажавме менталитет на теренот, се браневме многу добро и бевме концентирани до последната секунда. Горд сум на овие момци. Го оставивме срцето на терен“, изјави Македонецот.
За Миовски ова ќе биде прв финален Куп-натпревар во кариерата.
„Никогаш не сум играл финале во Куп така да не знам какво е чувството, но знам дека ќе биде посебно за мене, за сите нас бидејќи долговреме немаме играно во финале. Ќе биде посебен натпревар“, додаде Миовски.