Екипата на Баскет Кам 2011 е ново-стар шампион на Македонија во женска сениорска конкуренција, откако во третиот натпревар од финалната серија на плеј-офот, уште еднаш беше подобра од ЖКК Вардар.
По двете победи на свој терен во Македонска Каменица, кошаркарките кои ги предводи Жаклина Стојановска славеа во „Кале“. Уште еднаш, доста тешко, но заслужено, со резултат 77-74, за максимални 3-0 во серијата која го даде новиот првак на Македонија.
На тој начин, Баскет кам 2011 стигна до еден историски подвиг кога станува збор за македонската женска кошарка. Стана прва екипа на која ѝ пошло до рака да ги обедини трите круни.
Најдобри кошаркарки кај победничкиот тим беа Зубац со 24 и Кметовскса со 23 поени и 12 скока, додека капитенот Поп Димитровска, освен добрата игра во одбраната, помогна со 12 поени во нападот.