Државните прваци од женскиот кошаркарски тим во баскет, 3х3 од кривопаланечкото средно општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка под менторство на професорот по спорт и спортски активности, Ведран Белешковски и пингпонгарот Александар Јакимовски учествуваат на Светската Гимназијада во Манама, Бахреин што официјално беше отворена вчера вечер.
-Првпат ученици од нашата гимназија имаат можност да учествуваат и да се натпреваруваат на Светска Гимназијада, која оваа година се одржува во Бахреин и на која учествуваат над 5000 спортисти од 70 држави. Благодарение на нивните извонредни резултати и постигнувања во изминатите години, дел од кошаркарската женска екипа, Невена Стефановска, Нена Георгиевска, Мила Илијевска и Антонија Тодоровска ќе се натпреваруваат во категорија 3х3 баскет, предводени од професорот Ведран Белешковски. Како државен средношколски првак во пинг-понг, нашиот ученик Александар Јакимовски е исто дел најуспешните спортисти кои оваа година ги бранат боите на нашата држава.Им посакуваме успешен настап на сите наши натпреварувачи кои се гордост на училиштето и се дел од спортистите кои од денес до крајот на месецот ќе учествуваат на ова престижно светско првенство во организација на Интернационалната федерација на училишни спортови, изјави директорката на училиштето СОУ “Ѓорче Петров, Крива Паланка, Елена Ѓорѓиевска.
Кривопаланечките средношколци се дел од делегацијата предводена од Сојузот на училишни спортови на Македонија која брои околу 25 учесници од повеќе спортови: баскет 3х3 во машка и женска конкуренција, пинг-понг, одбојка и останати.
Учесниците на натпреварите на Гимназијадата во Бахреин што се одржува од 23 до 31 октомври ќе се натпреваруваат во 26 различни спортови и четири пара-спортски дисциплини.