На отворањето на петтото коло во Првата кошаркарска лига на Македонија донесе изненадување и спортска сензација, затоа што тимот на Чаир 2030 го победи МЗТ Скопје со 95-94.
Пет дена по убедливиот пораз од Работнички, тимот на Чаир успеа да се погрижи за вистинска кошаркарска драма во салата „Шабан Трстена“, а исполнетите трибините на крајот екнаа од радост кога домашниот тим победи со поените на Мофит.
Натпреварот донесе неверојатна резултатска клацкалица во текот на сите 40 минути и сосема заслужено победникот се бараше во продолжение, а во дополнителните пет минути игра, до израз дојде најдобриот кошаркар на натпреварот.
Чаир имаше шанса за победа уште во регуларниот дел кога две слободни фрлања имаше Какруки, но домашниот кошаркар погоди само едно и со 82:82 се замина во дополнителни пет минути игра.
Израмнетата игра продолжи и во овој дел, па иако Мофит постигна поени за 95:94 на десет секунди пред крајот, МЗТ имаше уште една шанса за напад и победа. Обидот на Слај заврши непрецизно, па во тој момент почна огромното славје во салата „Шабан Трстена“ во Чаир.
Диванте Мофит со 31 поен беше играч број еден на натпреварот, додека кај поразениот тим најефикасен беше Бојан Крстевски со 21 поен.