Осум земји поднесоа официјална кандидатура за домаќин на Европското првенство за кошаркари во 2029 година, објави денеска европскиот огранок на ФИБА.
Меѓу кандидатите за 43. издание на Евробаскетот се шест поранешни домаќини и пет поранешни шампиони.
„Тоа што добивме осум официјални кандидатури само покажува колкав е интересот за најважниот европски настан. Нашите национални федерации го прифатија овој формат со повеќе домаќини не само како алатка за раст на конкуренцијата, туку и како начин за развој на нашиот спорт во секој агол на континентот“, изјави извршниот директор на ФИБА Европа, Камил Новак.
Свои кандидатури поднесоа Естонија, Финска, Германија, Грција, Литванија, Холандија, Словенија и Шпанија. Од овие осум кандидати, четири земји ќе бидат избрани како кодомаќини.