Кошаркарот на Монако, Никола Миротиќ, е прогласен за најкорисен играч (МВП) на второто коло во Евролигата, објави официјалниот сајт на натпреварувањето.
Миротиќ одигра одличен натпревар во убедливата победа на Монако над Дубаи со резултат 103-81. За 20 минути поминати на теренот, тој постигна 19 поени, запиша седум скокови и четири асистенции, со шут од игра 6/9.
Со индекс на корисност 32, Миротиќ по единаесетти пат во својата кариера ја добива оваа награда во Евролигата. Иако кошаркарот на Панатинаикос, Хуанчо Ернангомез, имаше највисок индекс на колото – 39, неговиот тим беше поразен од Барселона со 103-96. Ернангомез постигна 27 поени и запиша осум скокови за 35 минути.
Одличен настап имаше и Вејд Болдвин од Фенербахче, кој заврши со индекс 34, но неговиот тим загуби од Жалгирис со 84-81. Болдвин реализираше 36 поени и четири асистенции.
Солидни бројки остварија и Андреас Обст од Баерн, како и Костас Слукас од Панатинаикос – двајцата имаа индекс 30.