Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ ја дочека својата промоција во Олимпија Милано и беше претставен со сите останати засилувања за италијанскиот великан, а тоа беше добра шанса за Нено да се запознае со фановите на клубот, но и со италијанските новинари.
Во разговорот со новинарот на клупската телевизија, Димитријевиќ говори за своите почетоци, за незаборавните две години кои ги минал во Казањ, но и за честа да се бранат репрезентативните бои.
– Да се брани дресот на својата земја е секогаш посебно. Се чувствувате како да ја браните својата земја, а јас сакам да бидам лидер на теренот. Ја чувтвувам таа одговорност и навистина сакам да бидам лидер. Секако дека желбата ни е да се пласираме на следното Европско првенство, – вели Димитријевиќ, кој во интервјуто како свој идол го посочува Милош Теодосиќ.
– Отсекогаш сум ги проучувал плејмејкерите. Спанулис, Зизис…… Но, ако треба да бирам еде омилен, тоа е Милош Теодосиќ. Го сакам и Чачо, но отсекогаш сум му се восхитувал на Теодосиќ, – вели Димитријевиќ.