Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го добија лутиот ривал Работнички во вечното македонско дерби.
Во последниот натпревар од претпоследното 21.коло на Супер лига, одигран во ,,Јане Сандански”, МЗТ по продолжение славеше со 97-93 (81-81).
Со овој пораз, Работнички ги загуби шансите за плеј-офот и ќе разигрува за опстанок.
Домашните кошаркари подобро ги почнаа натпреварот и имаа предност од 11-06. Тогаш Работнички ја презеде контролата и со серија од 2-14, кварталот го доби со седум разлика 13-20.
Немаа решение аеродромци во играта 2-на-2 за нападите на Костовски и Рикиќ, а расположен за шут беше и Ефремовски. Најголемата предност гостите од Градски парк ја имаа во 13 минута кога водеа со 17-25 (+8). Сепак домаќините во 19.м8нита успеаја да стигнат до израмнување 40-40, но Лука Петровски со тројка пак ја врати предноста на Работнички.
Последниот напад во првото полувреме го имаа домаќините, не го реализираа па Работнички на одмор замина со поен предност 42-43.
Во второто полувреме, односно третиот кварта, аеродромци беа оние кои подобро одиграа, особено Американецот, Смит-Мекјуен.
Го добија ток период од играта домаќините и во завршните 10 минути влегоа со предност од 62-58. По нецели три минути игра во последната четвртина, МЗТ имаше и најголеми +8 (70-62).
„Црвените“ од Градски парк не се откажаа, па на 50.секунди до крајот дојдоа до поен негатива 79-78. Преку Петков, МЗТ пак поведе со три разлика, но Ефремовски врати со тројка на 3,6 секунди до крајот за израмнување 81-81.
Во последниот напад, Мекјуен погоди, но задоцни Американецот со шутот за една десетинка, па резултатот остана израмнет и се играа дополнителни пет минути.
Најефикасен во победничката екипа беше Смит-Мекјуен со 25 поени на кои додаде 7 асистенции. Во поразениот тим на Работнички бадијала остана дабл-дабл ефектот на Роберт Рикиќ со 25 поени и 15 скокови, како и 27-те поени на Ефремовски.
По овој пораз, но и победите на да другите два денешни натпревари, тимот на Работнички ја изгуби последната шанса за пласман во плеј-офот па ќе разигрува за опстанок. Работнички има две победи помалку од Куманово кој забележа важна победа над Кожув со 89-82, и Тиквеш славеше на гости кај Пелистер со 82-88.
Така, Куманово, Тиквеш и Чаир имаат по 10, а Работнички, како и Феникс останаа на 8. Овие две екипи заедно со Гостивар и Ангели ќе разигруваат за опстанок, кој е гарантиран само за еден тим.