Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација, на седницата одржана на 20-ти јануари 2026 година, ја разгледа и едногласно ја прифати оставката на селекторот на машката сениорска репрезентација, г. Марјан Илиевски, поднесена непосредно пред почетокот на седницата.
Иако Управниот одбор беше изненаден од ваквата одлука, Федерацијата во целост ја почитува личната и професионалната одлука на г. Илиевски и уште еднаш упатува искрена благодарност за неговиот ангажман, професионалност и придонес во периодот додека ја извршуваше селекторската функција, со желби за многу успех во неговата понатамошна кариера.
Во продолжение на седницата, Управниот одбор донесе една од најзначајните одлуки во последниот период, со која се поставуваат темелите за нов, поорганизиран и стратешки пристап во работењето на репрезентативната кошарка.
Едногласно беше донесена одлука легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски, да биде назначен за Координатор на сите национални репрезентативни селекции.
Именувањето на Владо Илиевски претставува силна порака за јасна визија, континуитет и системски развој.
Станува збор за една од најголемите фигури во историјата на македонската кошарка, поранешен долгогодишен репрезентативец, лидер на теренот и дел од најуспешната генерација на националниот тим, со која беше испишана историја на Европското првенство во 2011 година.