Под водство на селекторот Александар Ашаданов и неговиот асистент Атанас Димов, македонската кошаркарска репрезентација денес ги почна подготовките за претстојните два натпревара во квалификациите за Евробаскетот 2025 година.
– Секој циклус е сличен на претходните. Исклучок не е ни овој ноемвриски прозорец на ФИБА. Во овие неколку тренинзи ќе се обидеме да ја поставиме нашата игра, да ги анализираме противниците. Прв противник ни е Украина, селекција со која не сме се сретнале во изминатите години, додека многу повеќе податоци, извесно, имаме за Португалките. Целта останува иста, да се обидеме сите заедно да дојдеме до некоја победа, ќе ни значи многу на сите нас, изјави Ашаданов.
На денешниот прв собир се појавија: Анџелика Митрашиновиќ, Илина Селцова, Мерит Хемпе, Милица Николиќ, Нена Трајчевска, Ивана Кметовска, Катерина Поп-Димитровска, Ања Начевска, Михаела Алексовска и Матеја Николиќ,
– Очекувам веќе на вечерашниот тренинг да бидеме комплетни. Односно да ги имаме на располагање сите 12 кошаркарки. Елена Тасевска имаше обврски на факултетот, додека Александра Стојановска поради транспортните конекции, ќе биде во Скопје попладнево, и ќе биде на тренинг уште вечерва, појасни селекторот.
На 7 ноември Македонките ќе се соочат со Украина на домашен терен, a три дена исто така во Скопје, во салата на СРЦ „Кале“ го дочекуваат составот на Португалија.