Македонската кошаркарска репрезентација по десетина дена минати во Гевгелија, тренинг кампот го пресели назад во Скопје. Нашите сениори одиграа и победија на двата пријателски натпревари против Швајцарија , па во позитивен ритам продолжува кон главниот предизвик и претквалификацискиот циклус во борбата за Светско првенство.
По завршувањето на вториот меч против Швајцарија, македонската делегација се упати назад кон Скопје. Денешниот ден е слободен и нема да има тренинзи, а со подготовките се продолжува в понеделник.
Престојот во Скопје ќе биде краток, бидејќи репрезентацијата веќе в среда се сели во Куманово. Таму тимот ќе биде во карантин од неколку денови и во целост ќе биде посветен на првиот предизвик.
Македонија ќе ја дочека Романија во „Спортската сала Куманово“ на празникот Илинден во терминот од 20:00 часот.