Кошаркарскиот клуб Пелистер влезе во последната фаза од подготовките за новата сезона, дел што тренерот Петровиќ, членовите на стручниот штаб и кошаркарите ќе го минат на Златибор, Србија.
Како дел од овој подготвителен период Пелистер ќе одигра и две пријателски средби, на 19 септември наш противник ќе биде екипата на Приморја, а за 21 септември е закажан дуелот со Златибор.
„Пред една година рековме дека правиме сериозен клуб на здрави темели. Лани целта ни беше целосна финансиска стабилизација и максимално успеавме во тоа, сега сакаме да одиме чекор напред од секој аспект, како организациски така и резултатски. Заминување на подготовки надвор од сопствената сала е нешто сосема нормално во модерниот спорт, тренд што за жал во кошарката веќе извесно време е напуштен. Наша обврска како управа е Пелистер да функционира на највисоко ниво и кошаркарите и стручниот штаб да ги имаат најдобрите можни услови, овие подготовки се само потврда на нашите заложби“, изјави директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски за официјалната веб-страница на клубот.