Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милојевиќ, експресно реагираше на инцидентот на пријателскиот натпревар меѓу ТФТ и Чаир и ги казни виновниците за истиот.
Парични казни добија двата клуба, а суспендирани се и двајца кошаркари на ТФТ Скопје и помошник тренерот на Чаир. Казни добија и службените лица на натпреварот, поради несовесно и неуредно извршување на должноста.
Поради лоша организација и неисполнување на четири зацртани услови (пријавен натпревар во МВП, дежурен лекар, присуство на комесар за безбедност и редарска служба), ТФТ е казнет со 30 илјади денари и забрана за настап со публика на два првенствени натпревари.
Поради учество во тепачка капитенот на ТФТ, Нури е казнет со забрана за настап на два натпревари, а поради фрлање на тврд предмет кон публиката казна доби и Наумовски.
Поради остварен физички напад од симпатизери на Чаир 2030 доби казна од 48 илјади денари и забрана за настап на со публика на три првенствени натпревари, а казна доби и помошниот тренер Исмаили кој поради напуштање на теренот за игра во ситуација која води кон тепачка е казнет со забрана на настап на еден натпревар.
Казна за несовесно и неуредно извршување на дејност, неуредно и непотполно спроведување на одлуки и упатства од КФМ доби и делегатот на натпреварот Теофиловски кој нема да може да врши должност на два натпревара.