На средбата со новинарите зборуваше селекторот на македонската машката кошаркарска репрезентација Александар Јончевски.
Тој направи анализа на одиграното во овој прозорец, но и на целиот одигран циклус.
„Ова е победа која е важна за нас, а за жал не славиме пласман на Евробаскетот. Како и да е, победа против учесник на турнирот е добра за нас. Полска беше четвртопласирана на претходното ЕП, па оваа победа е добра. Можеме да жалиме за поразот од Естонија во Скопје на стартот. Сепак, задоволен сум за одговорот од страна на играчите. Среќен сум и дека навивачите видоа добар перформанс од наша страна.
Дел со мотивацијата беше најтежок момент за нас. Особено бидејќи имавме огромна желба да ја победиме Естонија во Талин. Имавме одлични 27-8 минути, а за жал тие не беа доволни за да одговориме резултатски. Реалната слика од тој меч не е 20 разлика, имавме добра игра и нереализирани отворени шутеви. Денес бевме подобри, ако го имавме овој процент мислам дека исходот ќе беше поинаков. Ова се професионалци, голем дел од националниот тим се тука долг период. Дополнети со новите имиња, сите се свесни зошто се тука, па не беше претешко да се крене тимот“, изјави Јончевски.
Македонија во овие квалификации двапати ја совлада Полска, а по двапати загуби од Литванија и Естонија.
Следно на нашиот национален тим му следуваат претквалификациите за Светското првенство.